Разбирање на детето
Зошто моето дете е мирно во училиште, а дома експлодира?
· Инфо Вторник
Стручно прегледано од м-р Весна Цековска-Дебрлиева и м-р Зденка Стаменова
Белешка од наставничката, од октомвриската средба со родителите:
„Марко е мирен и вреден ученик. Ги почитува правилата, не им пречи на другите и секогаш е подготвен. Немаме причина за загриженост."
Истиот ден, во домот на Марко:
14:40. Чевлите летаат по ходникот. Сестра му плаче затоа што ѝ ја урнал кулата од коцки, а причината за целата бура е сендвичот, пресечен на триаголници. Марко го сака на квадрати.
17:00. Седи над тетратката и вели: „Глупав сум. Ништо не знам."
20:30. Заспал облечен на каучот.
Родителот ги чита двете ситуации и во глава му се редат две прашања. Првото гласи: кое од овие две деца е вистинското? Второто прашање е потивко и поболно: што правам јас, што кај мене се распаѓа, а кај неа не?
Одговорот на првото е дека вистинити се и двете. Одговорот на второто е дека најверојатно ништо не правите погрешно. Овој блог се надоврзува на блогот за првите недели во училиште, каде објаснивме зошто детето го издржува училишниот ден, а сметката ја плаќа дома. Тука го поставуваме прашањето што доаѓа потоа: што правиме кога училиштето не го гледа тоа, како да препознаеме каква бура е во прашање, кога зад мирното дете стои нешто повеќе од адаптација и што може да се направи дома и со наставничката.
Двете слики се точни
Наставничката не греши. Во училница мирното дете навистина е мирно. Денот има распоред, правилата се јасни, еден возрасен ја води групата, а врсниците гледаат. Кога структурата доаѓа однадвор, дел од напорот на детето се олеснува. Улогата на „добар ученик" му кажува точно што се очекува од него, а детето ја презема и ја игра добро.
Мирното дете, исто така, не испраќа сигнал. Наставничката има дваесетина ученици и вниманието оди кон оние што бараат помош, пречат или заостануваат. Дете кое седи исправено со рацете на клупата, го следи часот и одговара кога ќе биде прашано, не бара ништо од никого. А, она што се случува во него, заморот, напнатоста, внатрешниот глас што му вели да не згреши, не се гледа. Често ниту самото дете нема зборови да го опише.
Затоа родителот го слуша „нема проблем" и во истиот момент знае дека има. Детето е исто, а разликата ја прави местото.
Во таква ситуација родителот често останува сам со сомнежот. Ако бура има само дома, првото прашање е „дали јас го предизвикувам ова?". Некои го слушаат и од околината, во форма на добронамерна реченица: „Кај нас е ангелче, значи дома нешто не е како што треба." Таа реченица боли, а не држи. Децата ги прилагодуваат реакциите на барањата и на безбедноста на секоја средина, а тоа што едно дете дома смее да ја покаже цената на својот ден, значи дека има место каде тоа е дозволено. Вината е разбирлива, но детето има повеќе корист од вашето внимание отколку од вашето самообвинување.
Двете слики го опишуваат исто дете: едната го гледа однадвор, а другата однатре.
Која е бурата: колапс, одбивање, вознемиреност или нешто од училиштето?
Не секоја бура по училиште е од ист вид, а пред да се реши нешто, вреди да се одреди каква е. Пет прашања обично доволно кажуваат. Кога се јавува? Колку трае? Што ја завршува? Дали се јавува и на други места? И што вели детето, ако нешто воопшто вели?
Колапсот по задржување (restraint-collapse) е најчест и најчесто се јавува во првиот час по враќањето дома. Поводот е ситница, бојата на чашата, формата на сендвичот, погрешни чевли. Интензитетот е многу поголем од поводот, детето плаче, вика или рита и не го следи вашето лице за да види како реагирате. Бурата стивнува со храна, тишина и блискост, а потоа детето е исцрпено, често тажно и понекогаш се извинува. Тоа е многу поблиску до мелтдаунот отколку до тантрумот: детето ништо не бара, а пристапот до зборовите и вештините што инаку ги има му е затворен.
Одбивањето изгледа поинаку. Поводот има цел: детето сака екран, слатко или да ја прескокне задачата, а бурата завршува штом го добие тоа или штом сфати дека нема да го добие. Детето го гледа вашето лице, го проверува ефектот од своето однесување и истото однесување најчесто го покажува и во други моменти од денот, за време на викенд, кај баба, понекогаш и во училиште. Тука исцрпеноста не е главната причина, па најмногу помага јасна и смирена граница.
Вознемиреноста се препознава по тоа што бурата има иднина во себе. Детето прашува „а што ако…" по десет пати, бара уверување или не сака да почне ако не е сигурно дека ќе успее. Го боли стомакот во недела навечер, тешко заспива, а пред изливот често доаѓа повлекување или плачливост. Зад бурата стои преполн внатрешен свет, а заморот е заеднички именител на сѐ.
Четвртата група е нешто конкретно од училиштето. Бурите се појавуваат по одредени денови, на пример по часот по физичко, по ликовното или по денот кога има тест. Детето избегнува да го спомне името на одредено дете и вели „никој не сака да си игра со мене", се враќа гладно затоа што не јадело, не го поднесува гласниот училишен одмор или цел ден не отишло во тоалет. Губи работи, тетратките му се искинати, на колената има модринки од непознато потекло. Тука ретко помага директното „дали некој те малтретира?". Подобро работат отворени прашања на кои се одговара лесно: „Кој беше најгласен денес?", „Каде седиш на одмор?", „Што правеше кога заѕвони ѕвончето?" Ако имате причина да сомневате во малтретирање, не чекајте, веднаш разговарајте со наставничката и со стручната служба.
Постои и петта, потивка група: телесните причини. Дете кое не спие доволно, кое не ја гледа добро таблата или кое со напор ја слуша наставата во бучна училница, троши многу повеќе енергија од соучениците. Ако детето често се жали на главоболка или се мачи да ги разбере буквите на таблата, прегледот кај педијатар, офталмолог или аудиолог е разумен прв чекор.
Овие групи се мешаат. Најчесто едно дете носи колапс и вознемиреност заедно или колапс во денови кога во училиште се случило нешто конкретно. Не мора да ја најдете точната ознака. Доволно е да видите што доминира, за да знаете каде да ја насочите поддршката. Две недели водење белешки: час, повод, траење и што помогна, ќе ви кажат повеќе од сеќавањето на еден лош ден, а потоа и ќе бидат корисни во разговорот со наставничката или со стручното лице.
Кога тоа не е адаптација
Адаптацијата кај повеќето деца завршува за шест до осум недели. Ако бурите траат до ноември и натаму, ако ги имало и минатата година, а можеби и претходната, прашањето се менува. Тоа повеќе не гласи „како да му помогнеме на детето да прејде преку овој период?" Туку сега гласи „што му треба на ова дете, а училиштето не го гледа?".
Некои обрасци се на таа страна. Детето се опоравува за викендот и повторно е она дете што го знаете, а во недела навечер сѐ почнува одново. Домашната задача трае три часа, а содржи дваесет минути работа. Телото зборува: стомак, главоболки, мокрење во кревет, заспивање на каучот. Во разговорот се провлекуваат реченици како „цел ден се трудам да не згрешам", „сите ме гледаат" или „јас сум глупав". Колку подобро се однесува во училиште, толку полошо е дома, бидејќи резервата не стига за двете места.
Зад таа слика понекогаш стои непрепознаена тешкотија. Тивкото, вредно девојче што „мечтае" на часот и има одлични оценки, но домашните ги завршува до полноќ, е профил што често се пропушта кај АДХД со доминантно невнимание. Детето што ги имитира врсниците, ги чува изразите и шегите како скрипти и ги потиснува природните движења може да е на аутистичниот спектар и да изгледа прилагодено само на сметка на огромен напор. Детето со дислексија или дисграфија понекогаш толку добро се компензира со меморија, погодување и избегнување на гласно читање, што училиштето не гледа ништо, а детето живее со постојан страв дека ќе го откријат. Сензорната преосетливост и вознемиреноста исто така можат да изгледаат како „одлично дете".
Зошто остануваат незабележани? Затоа што училиштата, со право, најпрво ги гледаат децата што пречат и оценките. Мирно дете со добри оценки не се појавува на ниту една од двете листи. Трудот е невидлив, а цената се плаќа дома.
Таа цена се собира. По неколку години некои деца стигнуваат до исцрпеност што се покажува како одбивање да одат на училиште, губење интерес за сѐ, потиснатост или чувство дека се „лоши", бидејќи најлошото однесување го покажуваат токму таму каде што им се најблиските. Затоа образецот што трае со години заслужува внимание пред да се стигне до исцрпеност.
Кога вреди да побарате проценка? Кога образецот трае над два месеци или се повторува од година во година. Кога е придружен со телесни поплаки, проблеми со спиењето или негативни ставови за себе. Кога оценките паѓаат или наставничката забележува тешкотии со градивото. Или едноставно кога вашиот инстинкт вели дека зад мирната слика има нешто скриено. Вреди да размислите и што детето си кажува само на себе. Дете што цел ден се држи, а дома се распаѓа, често носи заклучок за себе. Реченици како „јас сум глупав" или „јас сум лош" доаѓаат токму оттаму. Затоа на детето му треба некој да ја преведе сликата, во смирен момент, а не среде бура: „Цел ден се трудиш да бидеш мирен, а тоа е многу работа. Кога дома ти е тешко, значи дека во училиште си ја потрошил сета сила." Така до детето доаѓа сигнал дека изливот е знак на трудољубивост.
Проценката кај дефектолог не бара претходна дијагноза. Таа ги гледа вниманието, јазикот, читањето и пишувањето, моториката и сензорната обработка и може да покаже или дека детето е во рамки на очекуваното, а му требаат повеќе одмор и помалку барања, или каде конкретно заглавува.
ЦЕДУЗ Практичен совет: Попладнето дома и разговорот со училиштето
Влезот дома
Најмногу помага еден константен ритуал што не се менува. Вратата се отвора, вие го пречекувате и тука барањата завршуваат. Без прашања, без потсетувања за обврски, без инспекција на ранецот. Детето треба однапред да знае што го чека во првите десет минути, бидејќи непредвидливоста го троши последното што му останало.
Кога бурата сепак ќе дојде
Во тој момент мозокот на детето нема пристап до објаснувања, па помагаат само три работи. Прво, намалете ја публиката. Ако има сестра или брат, кажете им кратко: „Брат ти е многу уморен. Не ти е лут на тебе. Ајде јас и ти да одиме во другата соба." Така се штитат двете деца, а братчето или сестричето не учи дека негова должност е да ја трпи бурата.
Второ, зборувајте помалку, пониско и побавно. Три до пет зборови: „Тука сум. Сѐ е во ред." Без прашања. Без преговарање за сендвичот, бидејќи сендвичот не е тема на таа бура. Ако детето сака квадрати, квадратите можат да се направат подоцна, без лекции и без коментари.
Трето, границата останува. Ако детето удира или руши, смирено запрете го телото: „Нема да дозволам да удираш." Објаснувањето и последиците чекаат.
Откако ќе помине
Поправањето се случува кога детето е повторно смирено, понекогаш дури навечер или утредента. Кажете кратко: „Денес ти беше многу тешко. Знам дека не сакаше така да направиш. Ти не си лошо дете." Поставете едно прашање, не повеќе: „Што можеше да ти помогне пред да почне?" Многу деца не знаат, а тоа е сосема во ред, па понудете два избора. Ако е повредено братчето или урната кулата, поправката е мала постапка, а не казна: да му помогне на да ја изгради кулата одново или да му нацрта нешто. Казната за колапс ги зголемува стравот и вината пред следната бура.
Домашната задача и реченицата „глупав сум"
Реченицата од вечерта на Марко, „Глупав сум. Ништо не знам", ретко е вистина за знаењето. Најчесто тоа е исцрпен мозок што многу гласно зборува. Не се расправајте со неа и не набројувајте докази за спротивното („па ти знаеш многу!"), бидејќи детето не ги прима во тој момент. Потврдете го чувството: „Многу си уморен." Договорете однапред колку трае домашната, на пример триесет минути со тајмер, и запрете кога тајмерот ќе заѕвони, дури и ако домашната е недовршена. Напишете белешка за наставничката. Белешката е порака и до детето дека неговото здравје е поважно од задачата. Ако можете, најтешкото оставете го за утре наутро, откако детето ќе се одмори, бидејќи многу деца наутро за дваесет минути го завршуваат она што навечер им одзема цел час.
За вас
Ако бурата доаѓа секој ден во исто време, вие ја очекувате. Родителот што очекува бура е напнат пред да влезе детето, а детето го чита тоа. Три минути пред пристигнувањето, чаша вода и длабоко дишење прават голема разлика. Ако сте двајца, договорете кој ден кој да го пречекува детето. Тоа е истата логика како во блогот за вашата регулација: детето се смирува кога некој до него е смирен.
Разговорот со наставничката
Побарајте разговор наместо да пишувате порака и кажете однапред за што станува збор, за наставничката да не го доживее како критика. Може да започнете вака: „Ви верувам дека во училница е мирен. Дома ја гледам цената на тоа и сакам заедно да размислиме." Донесете три конкретни набљудувања за детето: „Од 14:30 до 16:00 повеќето денови следи бура. Во недела навечер го боли стомакот. А, на распуст е друго дете по три дена." Потоа прашајте што гледа наставничката: во кој дел од денот изгледа најуморно, дали јаде ужинка, што прави на одмор, што се случува во последниот час и дали се јавува или молчи.
Прилагодувања што се реални и во одделение од дваесет и пет деца постојат и често не чинат ништо. Договорена пауза од пет минути со чаша вода или кратка прошетка до ходникот. Место подалеку од вратата и од најгласната група. Најава пред промена на активноста. Задача што дозволува движење, како собирање на тетратките или бришење на таблата. Ограничено време за домашна, на пример триесет минути, по што детето запира и наставничката добива белешка. Многу од овие нешта им користат на сите деца во одделението. Ако наставничката забележи знаци што ја загрижуваат, стручната служба, педагогот и психологот, може да се вклучи.
Ако наставничката не гледа никаков проблем, не мора да се согласи за да можете да делувате. Проценката надвор од училиштето не бара нејзина дозвола, ниту претходна дијагноза. Водете белешки, одржувајте комуникација и не чекајте согласност од друга страна ако вашиот инстинкт вели нешто друго.
Заклучок
Сликата на наставничката и вашата слика ќе продолжат да стојат една покрај друга. Родителот што ги чита заедно ги чува како една приказна, во која детето се труди повеќе отколку што се гледа и затоа му е потребно некое место каде што смее да не се труди.
Родителите често ни доаѓаат со двете слики во рацете. Во ЦЕДУЗ ги читаме и двете и го бараме местото каде се среќаваат, бидејќи таму најчесто го наоѓаме она што детето навистина го носи.
Поврзана услуга