Родителство

Зошто вашата регулација е првиот чекор во смирувањето на детето?

· Инфо Вторник

Стручно прегледано од м-р Весна Цековска-Дебрлиева и м-р Зденка Стаменова

Постои момент кој речиси секој родител го познава. Детето вреска, а вие сте исцрпени, но некаде длабоко во себе знаете дека треба да останете смирени. Но, наместо тоа, тонот на гласот ви се крева. Или зборовите излегуваат порезервирани и постудени отколку што сакате. Или едноставно се замрзнувате и не знаете што да правите. А потоа, кога бурата ќе помине, доаѓа онаа позната тежина на душата: „Не требаше така да реагирам."

Тој момент по бурата е тежок на специфичен начин. Не е само замор, туку мешавина од вина, збунетост и едно тапо прашање кое не наоѓа одговор: „зошто, иако го знам тоа, пак не успеав?“ Ако ова ви звучи познато, важно е да знаете две работи. Прво, не сте исклучок. Второ, и многу поважно, проблемот е тоа што никој не ви кажал дека смирувањето на детето не почнува со детето, туку почнува со вас. И дека тоа не е метафора или убав совет, туку буквална, мерлива невролошка вистина.

Мозокот чита пред да слуша

Во блогот за тантрум и мелтдаун веќе го споменавме концептот на огледалните неврони, односно механизмот преку кој мозокот на детето ја скенира и ја копира емоционалната состојба на луѓето околу него. Но, вреди да се застане малку подолго на тоа, бидејќи длабочината на овој процес е она што ги менува работите кога родителите навистина ќе го разберат.

Огледалните неврони се физички структури во мозокот кои се активираат кога гледаме некој како прави нешто или чувствува нешто, речиси исто толку силно како кога самите го правиме или го чувствуваме. Кај децата, особено во раната возраст пред префронталниот кортекс да е доволно развиен, овој систем е примарниот начин на кој тие го читаат и доживуваат светот. Пред да ги разберат вашите зборови, тие го разбираат вашето тело.

Кога вие влегувате во просторијата вознемирени, вашето дете го регистрира тоа пред да проговорите. Ритамот на вашето дишење, тензијата во вилицата, брзината со која се движите, бојата на вашиот глас. Сето тоа се информации кои детскиот мозок ги обработува паралелно и моментално. А, заклучокот до кој доаѓа е едноставен: „ако возрасниот кој треба да ме заштити е во состојба на аларм, значи ситуацијата е навистина опасна.“

Ова не е логичен заклучок, туку биолошки рефлекс. И токму затоа не можете да го надминете со зборови. Не можете да му кажете на детето „сѐ ќе биде добро" додека вашето тело го кажува спротивното, бидејќи неговиот мозок им верува на сигналите на телото повеќе отколку на јазикот.

Оваа асиметрија е клучна. Детето ве чита постојано и тоа со огромна прецизност, многу поголема отколку што претпоставувате. А, она што го чита во вас станува неговата прва и најважна информација за тоа дали е безбедно или не.

Кога правиме спротивно од она што помага

Знаењето дека треба да се смириме е едно, а тоа да го примениме во моментот кога детето вреска на подот во маркетот, или кога за четврт пат го викате за вечера, или кога сте спиени само пет часа, а ви претстои уште еден тежок ден, е сосема друга работа.

Во тие моменти, нашата природна реакција речиси секогаш го влошува она против кое се бориме. И не затоа што сме лоши родители, туку затоа што ние исто така имаме нервен систем кој реагира на стрес на различни начини.

Кога детето ескалира и нашата амигдала се активира. Телото ни лачи кортизол и адреналин. Гласот ни се крева, бидејќи телото инстинктивно го зголемува интензитетот на комуникација во ситуација која ја чита како опасност. Се обидуваме со логика и објаснувања, иако детскиот мозок во тој момент буквално не е во состојба да ги процесира. Понекогаш физички посегнуваме да го задржиме или да го внесеме во собата. Ние тоа го толкуваме низ призмата на намерата, а детето го толкува низ призмата на телото. И сето ова е само уште еден извор на интензивна стимулација кога системот веќе е преполн.

Кругот е безмилосен: колку повеќе се трудиме, колку повеќе интервенираме, колку погласно и поинтензивно зборуваме, толку подлабоко го туркаме детето во состојбата од која сакаме да го извадиме. Не затоа што нашата намера е погрешна, туку затоа што нашите нервни системи взаемно се засилуваат. Двата аларми се хранат еден со друг, предизвикувајќи фонија во која секоја нова ескалација ја засилува следната, додека смирувањето станува се потешко достапно за двете страни.

Постои уште еден слој на овој проблем за кој помалку се зборува: реакцијата на замрзнување. Не сите родители ескалираат. Некои се повлекуваат, онемуваат, или едноставно се исклучуваат во моменти на висок стрес. Ова е третата гранка на одговорот на опасност покрај борбата и бегството. Телото заклучило дека ниту борбата ниту бегството не се достапни, па едноставно се замрзнува. Тоа може да изгледа како апатија, отсутност или чувство на вкочанетост токму во моментите кога детето најмногу бара присуство. За детето кое бара регулација, отсутниот или емоционално недостапен родител е речиси исто толку дезориентирачки колку и гневниот. Безбедното пристаниште исчезнало во двата случаи, само на поинаков начин.

Двете чаши и зошто крајот на денот е опасна зона

Во блогот за мелтдаун го воведовме концептот на сензорна чаша, идејата дека нервниот систем на детето постојано се полни со стимулации, и дека мелтдаунот не е реакција на последниот настан, туку на акумулираниот товар на целиот ден. Но, постои нешто што не го спомнавме: и вие имате своја чаша.

Родителската чаша се полни со различни содржини. Непроспиена ноќ. Работен состанок под притисок. Несогласување со партнерот. Загриженост за развојот на детето, за иднината, за тоа дали правите доволно. Акумулирана вина. Акумулиран страв. Сето тоа се капки кои, исто како кај детето, се собираат во текот на денот.

А, потоа доаѓа крајот на денот. Детето се враќа од градинка или од третман со својата чаша до раб. Вие се враќате дома после работа со вашата чаша до раб. И во тој момент, најмалата провокација: расфрлени играчки, одбиен оброк, кавга со брат или сестра, предизвикува судир на две преполнети чаши.

Ова не е неуспех на ниедна страна. Ова е предвидлива динамика која следи сопствена логика. И она што ја менува таа логика не е барање од себе да бидете поиздржливи на крајот на денот, тоа едноставно не функционира. Она што ја менува е разбирањето дека вашата чаша мора да биде делумно испразнета пред да можете да бидете корисен регулатор за детето.

Ова звучи едноставно, но во реалноста значи нешто што нашата култура не го кажува на глас: вашите потреби не се луксуз. Тие се услов за функционалното родителство. Не можете да регулирате нечиј нервен систем додека вашиот е во состојба на преоптовареност. Тоа е физички невозможно, и не постои количество на добра намера кое може да го надомести тоа. Во овие услови, грижата за сопствениот нервен систем не е себичност, туку таа е единствениот одржлив начин да бидете достапни за детето чија најголема потреба е токму вашата стабилност.

Сепак, многу родители, особено оние кои се грижат за дете со посебни потреби или развојни предизвици, функционираат со месеци, понекогаш и години, во состојба на хронична исцрпеност, убедени дека тоа е едноставно дел од улогата. Дека издржливоста е доблест. Дека нема простор за сопствените потреби додека детето има толку многу поголеми потреби. Но, хроничната исцрпеност не е пожртвуваност, таа е тивко трошење на најважниот ресурс кој детето навистина го бара од вас: вашата присутност.

Регулацијата е вештина, не особина

Еден од најштетните митови за родителството е дека смирениот родител е тип на личност, односно некој кој е по природа трпелив, рамнодушен на хаос и неподложен на стресни ситуации. Ако не сте таков тип, следствено, не можете да бидете тој родител.

Ова е фундаментално погрешно. Емоционалната регулација не е особина со која се раѓате. Таа е вештина која се учи, се вежба и со текот на времето станува поавтоматска. Исто како возењето автомобил, таа на почетокот бара свесен напор, а подоцна се случува со многу помалку когнитивни ресурси.

Добрата вест е дека мозокот е пластичен, и вашиот, не само детскиот. Секој пат кога ќе успеете да го фатите вашиот нервен систем во почетокот на ескалација и да го смените одговорот, вие буквално го преобликувате начинот на кој мозокот реагира на тој тип на ситуација. Тоа е бавен, но реалистичен процес.

Постојат неколку техники кои имаат директна невролошка основа и кои функционираат затоа што го таргетираат автономниот нервен систем директно, заобиколувајќи ја потребата за логичко убедување.

Продолжено издишување. Дишењето е единствената функција на автономниот нервен систем која е и автоматска и волева. Кога издишувањето е подолго од вдишувањето, вагусниот нерв праќа сигнал до мозокот дека опасноста поминала. Три до четири вдишувања со двојно подолго издишување се доволни за видлива промена во состојбата на нервниот систем. Ова не е само релаксациска техника, туку физиологија.

Сензорно закотвување. Кога сте во состојба на аларм, мозокот е во режим на иднина или минато. Замислува катастрофи или одигрува сценарија во имагинацијата. Враќањето во сегашниот момент преку сетилата го прекинува тој циклус. Ладна вода на рацете, цврст притисок на дланките на тврда површина, свесно забележување на пет работи кои ги гледате, сето тоа го преместува вниманието на нервниот систем од внатрешниот аларм кон надворешната реалност.

Пауза со најава. Кога чувствувате дека сте близу до точката на ескалација, излегувањето од просторијата на минута, две е многу поефикасно отколку да останете и да се борите со себеси. Важно е, особено кај помалите деца, оваа пауза да биде најавена и именувана: „На мама/тато сега ѝ/му треба еден момент да се смири, ќе се вратам." Ова го учи детето дека регулацијата е нормален процес, а не напуштање.

Телесна позиција пред зборови. Пред да одговорите на ескалацијата на детето, земете момент да ја проверите вашата телесна позиција. Дали сте наведнати над него? Дали рацете ви се скрстени? Дали вилицата ви е напната? Свесна промена на позицијата, клекнување на нивото на детето, опуштање на рамената, отворен став, го менуваат не само она што детето го гледа, туку и она што вие го чувствувате. Телото и мозокот комуницираат во двете насоки.

Ниту една од овие техники не е магична. Ниту пак ќе функционира секој пат, особено на почетокот. Но, со пракса, тие стануваат пристапни дури и под притисок, а со тоа, стануваат вистинска алатка наместо добра намера.

Она што ги обединува сите овие техники е една иста идеја: градење на простор помеѓу стимулот и одговорот. Не отсуство на реакција, бидејќи реакцијата е неизбежна и човечка, туку пауза, колку и да е кратка, во која вие сте поголеми од рефлексот. Во почетокот тој простор е речиси невидлив, само половина секунда во која забележувате дека веќе сте на работ. Со пракса, тој простор се шири. И токму во тој простор се случува регулацијата, и вашата и на детето.

ЦЕДУЗ Практичен совет: Вашата лична регулациска рутина

Она што ефективно функционира во моменти на криза обично е она што е веќе вежбано надвор од кризата. Еве една едноставна рамка за градење на вашата лична регулациска рутина:

Наутро: Полнење пред да почне трошењето. Пет минути наутро, пред да влезете во динамиката на денот, активност која го смирува вашиот нервен систем може да ја подигне вашата почетна линија за целиот ден. Тоа може да биде тивко кафе без екран, кратка утринска прошетка, пет минути на свеж воздух или едноставно неколку длабоки вдишувања пред да започнете со она што денот го бара од вас. Не мора да трае долго, но мора да биде ваше.

Во текот на денот: Препознавање на сигналите. Научете да ги препознаете вашите лични знаци на пополнета чаша. За некои тоа е напнатост во рамената, за други е забрзано размислување или раздразливост на мали работи. Кога ќе го забележите тој сигнал, тоа е момент да направите мала минипауза. Не чекајте да дојдете до точката на ескалација.

По тешки моменти: Без самокритика. Ако реагиравте на начин кој не ви одговара, забележете го тоа едноставно и продолжете напред. „Реагирав поинтензивно отколку што сакав. Следниот пат ќе пробам поинаку." Хроничната самокритика е дополнителна тежина врз нервниот систем кој веќе носи доволно.

Кога двете чаши се полни: Договор со партнерот. Договорете однапред едноставен знак или реченица која значи „мојата чаша е полна, треба да преземеш ти." Ова ја намалува потребата за долги разговори во моменти кога ниту еден од вас не е во состојба за тоа, и ја нормализира потребата за смена без обвинување.

ЦЕДУЗ Нутри совет: Хранете го и вашиот нервен систем

Кога зборуваме за регулација на нервниот систем, речиси секогаш мислиме на детето. Но, родителскиот нервен систем исто така има биолошки потреби кои директно влијаат на капацитетот за смирена присутност.

Магнезиум. Еден од најчестите дефицити кај возрасните кои живеат под хроничен стрес е магнезиумот. Магнезиумот игра директна улога во регулацијата на кортизолот и во функцијата на ГАБА, невротрансмитерот кој го смирува нервниот систем. Темна чоколада со висок процент какао, семки од тиква, бадеми и лиснат зеленчук се одлични извори. Ако стресот е хроничен, разговарајте со лекар за евентуална суплементација.

Стабилна гликемија. Нагли падови на шеќерот во крвта го активираат симпатичкиот нервен систем, којшто е активатор на стресот. Родител кој не изел ништо до 14 часот, или кој прескокнал оброк во трка, е биолошки во поголема подготвеност за ескалација. Оброци богати со протеини и сложени јаглехидрати: леќа, јајца, интегрален леб, грчки јогурт, обезбедуваат бавно и стабилно ослободување на енергија кое го поддржува емоционалниот баланс.

Омега-3 масни киселини. Исто како кај децата, Омега-3 масните киселини го поддржуваат противвоспалителното дејство во мозокот и го подобруваат преносот на сигнали помеѓу невроните. Сардини, скуша, ореви и свежо мелено ленено семе се намирници кои со редовна употреба го поддржуваат капацитетот на нервниот систем и кај детето и кај родителот.

Заклучок

Регулацијата на детето не почнува со техники, стратегии или правилни реченици. Таа почнува со вашето тело, вашиот здив и вашата достапност во моментот. Не затоа што вие треба да бидете совршени, туку затоа што вашиот нервен систем буквално е рамката во која вашето дете учи дека е безбедно и способно да се смири.

А кога тоа се случува, кога вие ќе успеете да останете присутни и смирени среде бурата, нешто видливо се менува кај детето. Не веднаш и не секој пат, но со доволно повторувања мозокот на детето почнува да го регистрира вашиот смирен нервен систем како сигнал за безбедност. Бурата сѐ уште доаѓа, но поминува побрзо. Интензитетот постепено се намалува. И еден ден ќе забележите дека детето само ве бара во тешките моменти, не за да го решите проблемот, туку едноставно за да бидете таму. Тоа е ко-регулацијата во својата најчиста форма: детето научило дека вашето присуство е доволно за да се почувствува безбедно.

Ова не е уште еден товар на родителската листа на обврски. Напротив, ова е една од ретките ситуации каде грижата за себе и грижата за детето се случуваат истовремено. Кога работите на вашата регулација, не инвестирате само во сопствената добросостојба, туку вие му нудите на детето нешто што ниту најдобриот терапевт не може да го замени: присуство на возрасен чиј нервен систем е доволно стабилен за да стане сидро за нивниот.

Во ЦЕДУЗ веруваме дека родителството не е само однос меѓу вас и вашето дете. Тоа е и однос меѓу вас и вашите сопствени граници, потреби и ресурси. Не затоа што вие сте на прво место, туку затоа што без вас, присутни, стабилни и достапни, сѐ останато е само техника без срце. А, кога се почитувате себеси, вие го почитувате и своето дете.

Поврзана услуга

Советување за родители