Учење и училишна подготвеност

Зошто детето ги издржува првите недели во училиште, а потоа попушта?

· Инфо Вторник

Стручно прегледано од м-р Весна Цековска-Дебрлиева и м-р Зденка Стаменова

Првиот ден: нов ранец, нови патики, фотографија пред училишната врата. Детето е возбудено, можеби и малку исплашено, но оди со насмевка.

Првата недела: станува рано без многу протест. Раскажува за наставничката, за другарчето со кое седи во клупа, за тоа што имале на ужина. Родителот тивко воздивнува со олеснување.

Втората недела: раскажува помалку, но и понатаму оди без проблем. Навечер заспива побрзо од обично.

Третата недела: утрото почнува со „не сакам да одам“. Го боли стомакот, иако болката некако исчезнува во петок попладне. По училиште, доволно е чашата да не биде онаа сината, па да настане бура која трае половина час. Нешто што до пред неколку дена беше ситница, одеднаш станува непремостливо.

И родителот се прашува: што се случи? Првите недели одеше толку добро.

Ова е еден од најчестите обрасци со кои семејствата доаѓаат кај нас на почетокот на учебната година, и еден од најмалку разбраните. Здравиот разум вели дека најтешко треба да биде на почетокот, кога сѐ е ново, а со секоја недела да станува полесно. Нервниот систем на детето ја води сметката поинаку. Во овој блог ја разгледуваме таа сметка: зошто товарот се покажува со задоцнување, зошто се покажува токму дома, зошто некои деца го чувствуваат посилно од другите, и што родителот може да направи во неделите додека адаптацијата трае.

Резервата која се троши

Кога детето влегува во нова средина, неговиот нервен систем го прави она што го прави секој нервен систем пред непознатото: се мобилизира. Хормоните на стрес, пред сѐ кортизолот и адреналинот, го подигаат нивото на будност. Детето е повнимателно, побрзо реагира, подобро ги следи правилата, повеќе ги забележува лицата и звуците околу себе. Возбудата за новиот ранец, за новите соученици, за тоа што сега е „големо“, носи дополнителен погон.

Затоа првите недели честопати изгледаат подобро од очекуваното. Детето функционира на резерва, и тоа го прави добро.

Мобилизацијата, сепак, е скап режим. Нервниот систем ја користи за кратки периоди: да се помине низ нешто ново, а потоа да се врати во мирување. Училиштето таков повраток не нуди. Секој ден го бара истиот напор: рано станување, нов распоред, седење подолго отколку телото е навикнато, постојано внимание кон правилата, кон наставникот, кон другите деца. Новината исчезнува, а барањата остануваат. Со новината заминува и дополнителниот погон, а сметката за потрошената енергија почнува да пристигнува.

На ова се додава нешто што ретко се брои: сонот. Летото најчесто значи подоцнежно легнување и подоцнежно будење. Со почетокот на училиштето детето станува час или два порано, а легнува речиси исто како во август. Еден час помалку сон изгледа занемарливо, но по две недели тој час веќе е четиринаесет часа. Детскиот мозок го плаќа тој долг со пониска толеранција на фрустрација, со побрзо вознемирување и со потешко смирување. Долгот се собира тивко, ден по ден, и затоа последиците се гледаат со задоцнување.

Кога ќе се соберат сите овие фактори, третата или четвртата недела престанува да биде мистерија. Тоа е моментот кога резервата од почетокот е потрошена, а новиот ритам сѐ уште не е изграден.

Зошто бурата доаѓа дома

Многу родители го опишуваат истото: „Наставничката вели дека е мирен, дека соработува, дека нема никаков проблем. А, дома е друго дете.“

Во училиштето детето цел ден се држи. Го чека својот ред. Го задржува гласот кога нешто го нервира. Не плаче кога другарот не сака да си игра со него. Седи кога телото сака да стане. Секое од тие мали задржувања бара активна работа од префронталниот кортекс, делот од мозокот кој ги кочи импулсите и ги регулира емоциите. А, таа работа троши од истата резерва за која зборувавме погоре.

Кога детето ќе излезе од училиштето и ќе ве види вас, неговиот нервен систем добива сигнал дека е безбеден. Во таа безбедност го прави она што го правиме сите ние по тежок ден: попушта. Сѐ што било задржувано со часови се истура наеднаш. Во стручната литература ова се нарекува колапс по задржувањето (after-school restraint collapse), а родителите го препознаваат како бура која почнува во колата, на прагот или на првото барање после ручек.

Родителот ја добива најтешката верзија на детето токму затоа што е најбезбедната личност во неговиот свет. Тоа е тешко да се прими кога и самите сте на крајот од работниот ден, а детето вреска поради бојата на чаша. Сепак, вреди да се знае дека детето го чува сето тоа сѐ до моментот кога ќе ве види, бидејќи кај вас конечно може да го пушти.

Изливите во овој период најчесто се многу поблиску до мелтдаунот отколку до тантрумот. Зад нив најчесто стои празен резервоар и дете кое во тој момент нема пристап до зборовите и вештините кои инаку ги има.

Зошто некои деца плаќаат повисока цена

Сите деца поминуваат низ некоја верзија на овој процес. Но, за некои деца истиот училиштен ден чини значително повеќе.

Детето со сензорна чувствителност во училницата е изложено на постојан проток на дразби: триесетина гласови, стругање на столови, ѕвоното, силното светло, мирисот на ходникот, допирот на соученикот во редицата. Повеќето деца овие дразби ги филтрираат автоматски и после неколку минути не ги ни забележуваат. Кај сензорно чувствителното дете филтерот работи послабо, па нервниот систем цел ден обработува информации кои за другите се само позадина. Тоа е скапа работа и таа се плаќа од истата резерва.

Детето со тешкотии со вниманието или со извршните функции носи друг товар: организацијата. Да запамети кои предмети се денес, да го спакува ранецот, да се префрли од една активност на друга кога ќе заѕвони, да ја запише домашната задача пред наставничката да ја избрише таблата. За повеќето деца ова се ситни рутини кои се случуваат речиси сами. За ова дете секоја од нив е посебна задача која бара свесен напор, a тој напор се повторува по дваесет пати на ден.

Детето со специфична тешкотија во учењето, на пример со читањето или пишувањето, првите недели често минува полесно, бидејќи градивото е повторување на она што веќе го знае. Кога ќе почне новото градиво, тешкотијата повторно станува видлива, а со неа се враќаат и вечерните битки над тетратката. Кај овие деца падот понекогаш доаѓа во моментот кога училиштето престанува да повторува и почнува да бара.

Постои и појава која заслужува посебно внимание, бидејќи најчесто останува невидлива: маскирањето. Некои деца, особено децата од аутистичниот спектар и многу девојчиња со АДХД, вложуваат огромна енергија за да изгледаат како другите. Го набљудуваат однесувањето на соучениците и го имитираат. Ги потиснуваат своите природни движења. Се смеат кога другите се смеат, иако не ја разбрале шегата. Наставникот гледа мирно, прилагодено дете и со право не гледа причина за загриженост. Дома пристигнува дете кое е целосно исцрпено и кое понекогаш со часови не може да се врати во рамнотежа. Кај овие деца колапсот по училиштето е најизразен, а разговорот со наставникот најчесто најзбунувачки, бидејќи двете страни го гледаат истото дете, a опишуваат две различни деца.

Два премини во школувањето се особено тешки за сите, а уште повеќе за децата со развојни предизвици. Првото одделение, каде сѐ е ново одеднаш: зградата, правилата, должината на денот, очекувањето да се седи и да се слуша подолго од кога било досега. И шестото одделение, каде по пет години со една наставничка детето одеднаш има повеќе наставници, секој со свои правила, свој тон и свој начин на оценување, а често и различни училници. Однадвор ова изгледа како обично продолжување на школувањето. За дете чија организација и онака чини многу, тоа е вистински скок во барањата.

Кај децата со развојни предизвици резервата често е помала уште на почетокот, а трошењето е побрзо. Затоа падот кај нив може да дојде порано, да биде подлабок и да трае подолго. Адаптацијата и кај нив е сосема можна, со повеќе време, повеќе предвидливост и повеќе поддршка од средината.

Јазикот на телото

Децата ретко велат „исцрпен сум од адаптацијата“. Помалите немаат зборови за тоа, а поголемите често и самите не знаат што им е. Товарот наместо тоа се покажува преку телото и преку однесувањето.

Болката во стомакот е можеби најчестиот сигнал. Се јавува наутро пред училиште или во недела навечер, а честопати исчезнува во петок попладне. Родителите понекогаш се сомневаат дека детето ја измислува. Во огромен број случаи болката е вистинска. Мозокот и цревата се поврзани со густа мрежа на нерви и стресот буквално се чувствува во стомакот. Истото важи и за главоболките, за гадењето наутро и за губењето на апетит пред појадок.

И сонот зборува. Детето кое тешко заспива иако е видливо уморно, кое се буди ноќе, кое има лоши соништа. Или обратно, детето кое заспива на каучот веднаш по враќањето од училиште, во час кога никогаш порано не спиело.

Понекогаш се враќаат однесувања кои веќе биле надминати: мокрење во кревет, бебешки говор, барање да спие со родителите, цицање прст, одбивање да се облече само. Овој чекор наназад, кој стручно се нарекува регресија, е честа и очекувана реакција на оптоварување. Нервниот систем привремено се враќа на постари, познати обрасци, бидејќи новите бараат енергија која во моментот ја нема. Со враќањето на резервата, најчесто се враќаат и вештините.

И, секако, однесувањето: помала толеранција, побрзо плачење, повеќе расправии со браќата и сестрите, одбивање на секое барање, повлекување во собата или пред екранот.

Кога адаптацијата трае подолго од очекуваното

Повеќето од овие знаци се дел од нормалната адаптација. Кај поголемиот дел од децата тие почнуваат да се смируваат во текот на шест до осум недели, како што новото станува познато и нервниот систем наоѓа нов ритам. Подобрувањето ретко е праволиниско. Добрите и лошите денови се менуваат, а понеделниците и деновите по празник или распуст обично се потешки. Но, гледано во целина, линијата треба да оди нагоре.

Постојат и знаци кои упатуваат дека зад падот стои нешто повеќе од адаптација. Состојбата по два месеци стагнира или се влошува. Отпорот е насочен кон конкретна личност, кон одреден час или кон одредено место во училиштето. Детето почнува да зборува негативно за себе: „глупав сум“, „никој не ме сака“, „јас ништо не можам“. Исчезнува интересот за работите кои порано ги сакаше и надвор од училиштето. Телесните поплаки стануваат сѐ почести и посилни. Наставникот, наспроти првичната слика, почнува да забележува тешкотии со градивото кои не исчезнуваат.

Секој од овие знаци може да упатува на различни работи: тешкотија во учењето која со новото градиво станала видлива, проблем во односите со врсниците или малтретирање, анксиозност која бара посебна поддршка, или несовпаѓање помеѓу детето и начинот на работа во одделението. Разговорот со наставникот е добар прв чекор, особено ако дојдете со конкретни набљудувања наместо со општа загриженост. Ако тој разговор не донесе јасност, стручната проценка е следниот чекор. Прашањето поставено во октомври речиси секогаш е подобро од истото прашање поставено во мај.

Септември за родителот

Постои уште еден нервен систем во оваа приказна, за кој ретко се зборува: вашиот.

Почетокот на учебната година и за родителите значи нов ритам. Порано будење, организирање превоз, ужинки, тетратки, книги кои треба да се најдат, нови родителски групи, првите родителски средби. Често сето тоа се поклопува и со враќањето на полн работен ритам по летото. И родителот влегува во септември со резерва која се троши.

Кога двата резервоари се празнат во исто време, се создава најтешката комбинација. Детето е на крајот од силите и бара некој да му помогне да се смири, а родителот е на крајот од силите и нема од каде да даде. Реакциите тогаш се погласни, тонот поостар, трпението пократко. А, потоа доаѓа и вината.

Ако ова ви е познато, не сте единствени, и тоа не значи дека сте направиле нешто погрешно. Ова се надоврзува на она за што пишувавме за родителската регулација: смирувањето на детето почнува од вашиот нервен систем, а вашиот нервен систем исто така има граница. Грижата за сопствената резерва во овие недели е дел од поддршката на детето. Помалку обврски таму каде е можно, поедноставни вечери, помош од партнерот, бабата или дедото, и дозвола за себе дека не мора сѐ да биде совршено.

ЦЕДУЗ Практичен совет: Попладнето како време за полнење

Најголемата разлика во овие недели се прави во првиот час или два по училиштето. Тоа е времето кога резервата на детето е најниска, а барањата од домот, прашањата, домашната задача и обврските, најчесто пристигнуваат токму тогаш. Ако тоа време се преуреди, голем дел од попладневните бури може да се ублажат или да не се случат воопшто.

Почетокот е едноставен: прво храна и вода, а сѐ друго потоа. Многу деца на училиште јадат малку, а пијат уште помалку, па пристигнуваат дома со низок шеќер во крвта и со недоволно течност, што само по себе е доволно за раздразливост. Ужинката која го чека во колата или на масата во моментот кога детето ќе влезе, често вреди повеќе од кој било разговор.

Прашањата можат да почекаат. „Како беше денес?“ е прашање кое за исцрпено дете е премногу широко. Бара од мозокот да го прегледа целиот ден, да одбере што е важно и да го преточи во зборови, токму во моментот кога тој мозок нема ресурси за тоа. Одговорот „добро“ или „не знам“ најчесто е искрен одговор на преоптоварен систем. Децата раскажуваат во непредвидливи моменти: во автомобил, додека цртате заедно, навечер кога светлото е веќе изгаснато. Кога ќе прашате, прашувајте конкретно и мало прашање: „Со кого седеше на одмор?“, „Што беше најсмешно денес?“, „Имаше ли нешто што те изнервира?“

Пред секоја обврска, детето има потреба од простор за релаксација. За некои деца тоа е тишина, соба со пригушено светло и време поминато насамо. За други тоа е движење: трчање во дворот, скокање, лулашка, велосипед. Движењето е особено важно пред домашната задача, бидејќи детето кое цел ден седело тешко седнува повторно ако телото прво не го добие она што му недостасувало. Зошто движењето треба да му претходи на мирувањето, детално е објаснето во блогот за движењето како потреба.

Во првите месеци вреди привремено да се намалат барањата. Септември и октомври не се најдобро време за нова воннаставна активност, за нови правила дома или за дополнителни обврски. Ако детето бара помош во нешто што веќе го правеше само, облекување, пакување на ранецот, поставување на масата, дозволете му неколку недели. Таа помош ослободува енергија за она што во моментот е најважно, а самостојноста се враќа кога ќе се врати и резервата.

Сонот заслужува да се заштити со истата сериозност како и домашната задача. Во првите недели легнувањето може да се помести половина час порано од она што изгледа доволно. Часот пред спиење е најдобро да помине без екрани, со пригушено светло и со предвидлив редослед: бањање, разговор, книга. Вообичаеното време на будење вреди да се задржи колку што е можно повеќе и за викенд, за телото да не мора секој понеделник повторно да се прилагодува.

Неделата навечер често е најтешкиот момент од седмицата, бидејќи мислата за понеделникот пристигнува пред самиот понеделник. Смирена вечер, ранецот спакуван уште попладнето, облеката за утре подготвена и краток разговор за тоа што следи во неделата, му даваат на детето предвидливост која го намалува стравот од непознатото.

Кога бурата сепак ќе дојде, пристапот е ист како кај секој преплавен нервен систем: помалку зборови, мирен глас, присуство, безбедност. Објаснувањата и разговорот за тоа што се случило имаат смисла подоцна, кога детето повторно ќе има пристап до нив. Кога ќе се смири, помага да му го именувате она што го доживеало: „Денес ти беше тежок ден. Телото ти беше многу уморно.“ Така детето постепено учи да го препознава сопствениот замор пред да се претвори во бура.

И на крај, кажете му на наставникот што се случува дома. Ако детето во училиштето е мирно, а дома се распаѓа, наставникот тоа не може да го види. Таа информација му помага да ги забележи ситните знаци на оптоварување, да понуди пауза или да го прилагоди темпото, и ве поставува вас и него на иста страна.

ЦЕДУЗ Нутри совет: Гориво за долгиот училиштен ден

Хормоните на стрес, долгиот ден со малку храна и течност, и сонот кој не е доволен, заедно создаваат состојба во која и најмалата фрустрација станува преголема. Исхраната не може да ја прескокне адаптацијата, но може значително да ја олесни, особено во три точки од денот.

Првата точка е појадокот. Детето кое оди на училиште само со пециво, бел леб или засладени житарки добива брз скок на шеќерот во крвта, а потоа пад некаде околу вториот или третиот час, токму кога се бара најмногу концентрација. Кога на јаглехидратите ќе им се додадат протеин и малку маснотија, енергијата се ослободува побавно и порамномерно. Овесна каша со путер од кикирики и банана, варено јајце со полнозрнест леб и парче сирење, или грчки јогурт со мед и сецкани ореви се едноставни комбинации кои го носат детето до големиот одмор без енергетски пад.

Втората точка е моментот по училиштето. Ужинката која детето ја добива веднаш по враќањето треба да го подигне шеќерот без нагол скок: парче сирење, стапчиња морков и краставица со хумус или шака индиски ореви со малку суво овошје. Понудена навреме, таа често ја спречува бурата пред воопшто да почне.

Водата е најзанемарениот дел од оваа приказна. Многу деца на училиште речиси и не пијат, понекогаш и намерно, за да не мора да одат во училишниот тоалет. Дури и благата дехидрација кај децата е поврзана со главоболка, замор и послаба концентрација. Шишето вода во ранецот е добар почеток, но вреди и да прашате дали детето навистина пие, а ако не, зошто.

Хроничниот стрес го зголемува губењето на магнезиум од телото, а магнезиумот е потребен токму за смирувањето на нервниот систем и за квалитетен сон. Во овие недели вреди почесто на масата да има грав, леќа или наут во чорби и салати, овесни снегулки, банани и какао во млекото за вечер. Надбубрежните жлезди, кои ги произведуваат хормоните на стрес, трошат и големи количини витамин Ц, а есента го нуди во изобилство: пиперки, киви, мандарини и брокула лесно се вклопуваат во ужинката или вечерата.

Третата точка е вечерата. Оброкот кој комбинира сложени јаглехидрати, како компир, ориз или полнозрнести тестенини, со храна богата со триптофан, како живина, риба, млеко или јогурт, му помага на мозокот да произведе повеќе серотонин, а од него и мелатонин, хормонот на сонот. Во неделите кога сонот е најкршлив, ова е една од најкорисните поддршки.

Ништо од ова не бара посебна диета. Бара само малку планирање околу утрото, моментот по училиштето и вечерта, трите точки каде резервата на детето најлесно се полни.

Заклучок

Третата недела ќе помине, а по неа и четвртата. Повеќето деца, со време и со поддршка, наоѓаат нов ритам во кој училиштето станува познато, а познатото повеќе не троши толку многу. Падот кој родителите го гледаат по првите недели најчесто покажува колку детето се трудело, повеќе отколку што изгледало однадвор, и колку од својата резерва потрошило за да издржи.

Надополнувањето на таа резерва се случува дома. Во ужинката која го чека, во прашањето кое може да почека, во лулашката пред домашната задача, во вечерта која завршува малку порано. Во вашето мирно присуство кога бурата ќе дојде.

Кога во ЦЕДУЗ гледаме дете кое се распаѓа по училиште, прво прашуваме колку го чини неговиот ден. Одговорот на тоа прашање речиси секогаш покажува и што му треба за да го надополни.

Поврзана услуга

Дефектолог (специјален едукатор и рехабилитатор)