Сензомоторен Развој

Фината моторика и самостојноста: Зошто вештите прсти се клучот за детската самодоверба?

· Инфо Вторник

Стручно прегледано од м-р Весна Цековска-Дебрлиева и м-р Зденка Стаменова

Наутро, во трката за градинка или училиште, постои момент кој многу родители го познаваат. Детето стои пред огледалото и се мачи да го закопча патентот. Прстите лизгаат, патентот не влегува во дупчето, детето почнува да се нервира. Родителот, кој гледа на часовникот и мисли за следните дваесет работи, ги подава рацете: „Ајде, јас ќе ти помогнам." За неколку секунди, готово.

Детето не вели ништо. Но, нешто мало, речиси невидливо, секој пат се случува.

Овој момент се повторува секој ден, во безброј варијации. Кутија сок која не може да се отвори. Врвки кои не се врзуваат. Ножица која не следи по линијата. Парче храна кое паѓа од виљушката. Секојпат родителот помага. Секојпат со добра намера. И секојпат, без да знае, детето добива иста, тивка порака: „Ова е тешко. Некој друг нека го направи."

Финомоторниот развој честопати се споменува речиси исклучиво во контекст на пишување и школска подготвеност. Она кое поретко се кажува е дека преку рацете детето всушност учи дали може.

Рацете и мозокот: Неочекувана врска

Ако би требало на мозокот да му се додели тело пропорционално на тоа колку мозочна територија секој дел зазема, рацете би биле огромни. Во примарниот моторен кортекс, рацете и прстите заземаат несразмерно голем простор, поголем отколку грбот, нозете и трупот заедно. Мозокот е буквално наштиман за рацете.

Ова не е случајно. Еволутивно, прецизната употреба на рацете е едно од дефинирачките обележја на нашиот вид. А, кога малите деца ги развиваат фините моторни вештини, тие не вежбаат само координација. Тие буквално ги градат невролошките патишта кои во подоцнежниот развој стануваат инфраструктура за функции многу пошироки отколку самото движење.

Истражувањата во развојната неврологија покажуваат конзистентна поврзаност помеѓу финомоторниот развој и развојот на јазикот, работната меморија и математичкото мислење. Деца кои порано развиваат прецизна употреба на рацете покажуваат подобри резултати во овие области, не затоа што фината моторика директно ги учи јазикот или бројките, туку затоа што невролошката инфраструктура за прецизност, планирање и координација е заедничка. Кога детето нанижува монистри, тоа тренира внимание и секвенцирање. Кога сече по линија, тоа тренира визуомоторна координација и инхибиција на импулси. Кога меси тесто, мускулите на дланката добиваат длабок проприоцептивен внес, а концептите тврдо, меко, лепливо и влажно се учат преку допир прво на сензорно ниво, пред да добијат зборови.

Детскиот мозок учи преку рацете на начин на кој не учи преку ниту еден друг канал: телесно, директно, без посредство. Кога велиме „дај му на детето да си игра со кинетички песок" или „остави го само да сече", ние не само што одбираме активност, туку ја одбираме и средината во која мозокот ги гради своите патишта.

Самостојноста во секојдневниот живот: Мали работи со голем ефект

Постои специфичен вид самодоверба кој не доаѓа ниту од пофалби, ниту од награди, ниту од охрабрување. Тоа е самодовербата која доаѓа единствено кога детето нешто самостојно го прави. И оваа самодоверба, за разлика од сите останати видови, не може да се даде однадвор.

За петгодишно дете, способноста да се закопча само, да се облече без помош, да си го отпакува ручекот, да си наточи вода, да ја отвори торбата, не е само практична вештина. Секоја од овие ситуации е минијатурен тест на она за кое мозокот го прашува детето секој ден: Дали можам? А, одговорот кој мозокот го добива преку искуство, а не преку зборови, гради нешто трајно.

Кога одговорот е „да, можам" доволен број пати, детето го развива она кое психолозите го нарекуваат самоефикасност: внатрешното убедување дека е способно да се справи со предизвиците. Ова убедување е еден од најцврстите предиктори за академски успех, за отпорност пред тешкотии и за ментална издржливост на подолг рок. А, тоа убедување во раните години не се гради преку разговор, туку преку рацете.

Кога детето, чијшто финомоторен развој заостанува, не може да ги направи работите кои врсниците ги прават, за него тоа не е апстрактна информација за развојот. Тоа е секојдневно, конкретно искуство на разлика. Другото дете се закопчало само. Другото дете ги врзало врвките. Другото дете го нацртало коњот кој изгледа препознатливо. Мозокот на тригодишното или петгодишното дете не ги интерпретира овие сцени неутрално. Тој гради слика. А, сликата која се гради на основа на повторени искуства на „не можам таму каде другите можат" е слика која подоцна е многу потешко да се промени.

Во блогот за читање и пишување зборувавме за тоа дека детето со дислексија, без именување и поддршка, честопати ги интернализира тешкотиите не како „ова ми е тешко", туку како „јас сум таков". Истата динамика важи и тука. Детето со заостанат финомоторен развој, без разбирање и поддршка, не заклучува „рацете сѐ уште не се доволно развиени", туку заклучува „не сум вешт". А, „не сум вешт" е поширока изјава за себе отколку за рацете.

Во блогот за школската подготвеност ја именувавме практичната самостојност како петта, честопати занемарена димензија на подготвеноста: способноста да се оди самостојно во тоалет, да се отпакува ужинката, да се пронаоѓаат работите во ранецот. Сите овие задачи имаат финомоторна компонента. И сите тие, кога детето ги совладува само, го хранат истото убедување: јас можам.

Прекумерната помош и нејзината скриена цена

Родителите кои помагаат пребрзо не го прават тоа од непромисленост. Го прават затоа што детската фрустрација е тешка за гледање. Или затоа што брзаат. Или затоа што ако помогнат, задачата е решена и сите продолжуваат напред. Или неретко, затоа што ако помогнат се надеваат дека ќе го заштитат детето од чувството на неспособност.

Но, тука лежи парадоксот: помагајќи, родителот му го одзема токму она кое го штити. Финомоторните вештини не се развиваат со гледање. Не се развиваат ниту со слушање опис. Тие се развиваат исклучиво преку правење, низ серија обиди, прилагодувања и повторувања во кои мускулите и нервите ја учат секвенцата. Кога родителот ја презема задачата, тие повторувања не се случуваат.

Постои и понеочигледна последица. Кога детето повторно и повторно добива помош пред да имало шанса да успее самостојно, мозокот го учи следново правило: кога е тешко, доаѓа помош. Ова не е несреќна интерпретација. Тоа е логичен заклучок базиран на искуство. Последицата е дека детето почнува да ја очекува помошта, понекогаш и да ја бара, не затоа што е мрзливо, туку затоа што тоа е образецот кој функционира.

Во блогот за границите зборувавме за тоа дека непријатноста на разочарувањето е всушност местото каде некои од најважните вештини растат: толеранцијата на фрустрација, способноста за одложено задоволство, разбирањето дека тешкотијата не е знак за опасност. Истото важи и тука, конкретно и телесно. Фрустрацијата на „патентот не влегува во дупчето" е невролошкиот сигнал кој го активира мозокот за да пробува поинаку. Кога таа фрустрација е прекината пред да ја изврши функцијата, мозокот не добива шанса да го направи она за кое е направен: да се прилагоди и да научи.

Разликата не е помеѓу помагање и непомагање. Туку помеѓу кога и колку. Родителот кој го држи ракавот додека детето го притиска копчето, кој го стабилизира листот додека детето сече, кој чека и дава охрабрување без да зграпчи, тој гради независност. Родителот кој ја презема задачата заради ефикасност, ја одложува.

Практично, ова изгледа едноставно: пред да помогнете, почекајте. Не секогаш, но трпеливо. Триесет секунди до минута. Дозволете му на детето да се обиде, да се збуни, да пробува по различен пат. Дури откако детето ќе покаже дека е заглавено, или дури откако ќе побара помош, влезете. А, дури и тогаш, влезете со минимум.

Школскиот контекст: Кога рацете стануваат јавни

До влегувањето во училиште, финомоторниот развој е приватна работа. Дома, во градинка, во игра. Но, во прво и второ одделение, рацете стануваат јавни. Тетратките се собираат и враќаат. Цртежите се лепат на ѕид. Ножицата работи пред целиот клас. А, резултатите се споредливи.

Пишувањето е местото каде оваа видливост е најинтензивна. Во блогот за читање и пишување се зборуваше за фонолошкиот аспект на дисграфијата, за тоа дека мислата не успева да стигне до хартијата поради начинот на кој мозокот го обработува јазикот. Но, постои и чисто финомоторен аспект кој заслужува да се именува одделно. Детето кое нема доволно изграден фат, прецизната положба на показалецот, средниот прст и палецот, не може да го контролира моливот онака како што задачата бара. Буквите излегуваат со различна големина. Линијата не оди каде што треба. Детето притиска претврдо или премеко.

Последицата е двострана. Прво, пишувањето е когнитивно скапо: поголем дел од вниманието оди на физичката механика, а помал дел на содржината. Ова е истата логика со возилото: возачот почетник ги троши сите ресурси на механиката, па нема внимание за патот. Детето кое нема автоматизирано пишување не може истовремено да го движи моливот и да ја состави реченицата. Второ, видливата разлика меѓу неговата тетратка и тетратката на соученикот во клупата дава конкретна и повторена информација за тоа каде стои.

Ликовното и практичното за дете со финомоторни тешкотии имаат ист карактер. Деца кои избегнуваат цртање или молат да не учествуваат во уметнички активности честопати не се незаинтересирани. Тие активно го избегнуваат она кое ги изложува пред другите. Избегнувањето е заштитна стратегија. А, зад неа, буквално и метафорично, стои рака која никогаш не добила доволно шанси да вежба.

Играта која гради: Секојдневни активности со невидлив ефект

Она кое одличниот финомоторен развој го прави посебно кај типично развиено дете е дека не бара специјализирана терапија за да се случи. Бара игра. Специфични видови игра кои, за возрасните, изгледаат едноставно и можеби малку старомодно, но за рацете и мозокот на детето се вистинска градба.

Глина и пластелин се можеби најевтините и најефикасните алатки. Стискањето и обликувањето ги ангажираат сите мускули на дланката и прстите, ги развиваат силата и прецизноста, а притоа се непредвидливи и слободни на начин кој на детето му дава автономија. Не постои погрешен начин да се направи фигура од глина или пластелник, и точно тоа ги прави особено корисни за деца кои инаку избегнуваат задачи со прецизност.

Нанижувањето монистри, тестенини или копчиња на конец, е активност со специфичен невролошки ефект: го развива фатот кој е централен за правилното држење на молив, а истовремено ги тренира фокусираното внимание и визуомоторната координација. Детето кое ниже го подготвува своето тело за графомоторните вештини без ниту еднаш да земе молив.

Ножицата, која многу родители ја одбегнуваат поради безбедносна загриженост, е одличен алат за развој на двостраната координација: двете раце работат истовремено, но поинаку. Едната ја води ножицата, другата го држи материјалот и го поместува. Ова барање за разновидна, синхронизирана двострана акција е точно она кое мозокот го употребувал кога хартиените занаети, игрите на маса и кројачките кутии со копчиња сѐ уште биле дел од секојдневниот детски свет.

Помагањето во кујната е особено богата активност. Месењето тесто дава длабок проприоцептивен внес во рацете, за кој зборувавме во блогот за движењето, лупењето развива прецизност, а сипувањето и мерењето ги ангажираат рацете во задачи кои имаат видлива цел и резултат. Кога детето само си ја точи водата, само ја меша салатата, само цеди лимон, тоа ги добива и двете работи: рацете вежбаат, а самостојноста расте.

Градењето со мали парчиња, лего, дрвени коцки, природни материјали, е активност во која прецизноста е вградена во самата задача: парчето или стои или не. Оваа непосредна повратна информација го тренира мозокот да ги прилагоди движењата, и токму тоа е невролошкото јадро на финомоторното учење.

Екраните и финомоторниот развој: Она кое се губи

Во блогот за екраните и говорот зборувавме за тоа дека механизмот на штетата не е директен: екранот не го оштетува центарот за говор. Механизмот е супституција: секоја минута пред екран е минута помалку за нешто друго. Истата логика важи и тука, но со конкретна физичка димензија.

Екраните, таблетот и телефонот, работат со мал репертоар на гестови: допир, лизгање и пипкање. Сите три се изведуваат на рамна и глатка површина. Нема тежина. Нема текстура. Нема отпор. Нема потреба за координација на двете раце. Нема потреба за различен интензитет на притисок. И нема проприоцептивен внес во зглобовите, оној длабок, приземјувачки сигнал за кој зборувавме во блогот за движењето.

Споредете го ова со тоа кое детето го добива кога месе тесто, сече хартија, нанижува монистри, гради со лего или моделира глина: различни нивоа на притисок, различни текстури, различни отпори, прецизни движења со двете раце, повратна информација од материјалот за тоа дали движењето е точно. Сите овие информации го хранат нервниот систем на начин на кој екранот не може.

Педијатријата, особено во земји каде овој тренд е следен систематски, документира пораст на упатувања на деца со заостанат финомоторен развој кои немаат никаква дијагностичка основа. Единствената заедничка промена: значително помалку игра со раце, а значително повеќе време пред екран. Мозокот не е поинаков, туку само не добил доволно гориво за да го изгради она кое треба да се изгради.

Диспраксија: Кога тешкотијата е систематска

За голем дел од децата, финомоторните тешкотии се прашање на развојно темпо и недоволна стимулација. Со повеќе игра, повеќе вежба и поголема трпеливост, вештините постепено се изградуваат.

Но, кај дел од децата, образецот е поинаков. Тешкотиите се перзистентни и не се подобруваат со типична количина на практика. Детето кое многу вежбало да врзува врвки, но сепак не успева. Детето кое успешно совладува една вештина, а следната недела изгледа како да е избришана. Детето кое постојано нешто му паѓа од раце, постојано се сопнува, кому постојано му е тешко со нови моторни секвенци. Ова може да биде знак за состојба позната под називот развојно координативно нарушување, или развојна диспраксија.

Ова невроразвојна состојба засега приближно пет до шест проценти од децата на училишна возраст, почесто кај момчиња. Центарот на тешкотиите е во моторното планирање: способноста на мозокот да ја осмисли, организира и изведе моторната секвенца. Детето со развојна диспраксија разбира кое движење треба да го направи и неговите мускули се функционални. Но, трансмисијата меѓу намерата и изведбата е нарушена.

Ова го прави секојдневниот живот когнитивно значително поскап. Задачи кои на типично дете му трошат малку свесна когнитивна енергија, облекување, завртување капаче на шише, јадење со прибор, за детето со развојна диспраксија бараат свесен напор секојпат, дури и по долготрајна пракса. Тешкотијата е реална, а избегнувањето е разбирливо.

Диспраксијата честопати коегзистира со АДХД, со дислексија, со јазични тешкотии. Во блогот за неуродиверзитетот зборувавме за тоа дека системот најчесто прашува „кое е дијагностичкото објаснување?" Кај диспраксијата, дијагнозата честопати воопшто не е поставена: детето едноставно добива опис. „Мрзливо." „Несредено." „Не се труди." Ниту едно од нив не е точно, а сите оставаат трага.

Поддршката за диспраксија постои и е ефективна. Дефектолошкиот третман фокусиран на моторно учење и сензорна интеграција дава видливи резултати, особено кога е почнат порано. Важно е да се знае: детето со диспраксија не е мрзливо и не се труди помалку. Неговиот мозок едноставно го обработува моторното планирање поинаку, а на тоа поинакво обработување му треба поинаков вид на поддршка.

ЦЕДУЗ Практичен совет: Рацете учат преку правење

Следниве активности и пристапи не се терапевтски протоколи. Тие се секојдневни начини да се создаде средина во која финомоторниот развој се случува природно.

Активности кои градат фина моторика дома:

Глина, пластелин или тесто се незаменлива основа. Стискањето, правењето топчиња, расплескувањето и обликувањето ги ангажираат сите мускулни групи на дланката и прстите, го развиваат фатот и ја зајакнуваат раката. Нема погрешен начин да се работи со глина, и токму тоа го прави корисно и за деца кои инаку избегнуваат задачи со прецизност.

Нанижувањето монистри, тестенини и копчиња на конец, директно го гради фатот кој е основа на правилното пишување. Кратките сесии со јасна цел, да се нанижат дваесет монистри, на пример, се подобри од отворените барања.

Сечење со ножица: прво прави линии, потоа криви, потоа слободни форми. Двостраната координација и контролираниот притисок на ножицата се вештини кои не се градат на друг начин.

Помагање во кујната, месење, лупење, сипување, мешање, даваат разновиден и богат финомоторен внес во природен контекст. Предноста е и тоа дека задачата има смисла за детето: прави нешто вистинско.

Цртањето и боењето се најефикасни кога боиците се со соодветна дебелина за возраста. За помали деца, дебелите пастели или триаголните моливи се подобар почеток отколку тенките моливи кои бараат поголема прецизност на зафатот.

Пристапот „чекај и повлекувај се":

Кога детето се бори со секојдневна задача, почекајте. Триесет секунди до минута. Дозволете обид. Дозволете фрустрација. Ако решите да помогнете, влезете со минимум: држете еден дел додека детето го прави другиот. Со текот на времето, намалувајте ја поддршката.

За пишување:

Кратки сесии со јасен крај се подобри од долги. Детето кое е уморно пишува лошо и тоа создава негативно искуство. Десет минути со добар фат е подобро од триесет минути со напнат, погрешен фат. Триаголните моливи и специјализираните гумени држачи за молив се лесно достапни и помагаат без да го прават процесот „терапевтски" пред детето.

Кога да се побара стручна проценка:

Ако финомоторните тешкотии се трајни и не се подобруваат со пракса. Ако детето активно избегнува активности со рацете. Ако тешкотиите со моторното планирање се видливи и во грубата моторика: сопнувања, неспретност, тешкотија со нови движења. Ако во училиште тешкотиите веќе предизвикуваат видливо заостанување или емоционална реакција. Дефектологот може да направи проценка и да даде конкретен план.

ЦЕДУЗ Нутри совет: Гориво за прецизен нервен систем

Финомоторните вештини се невролошки вештини. Брзиот, прецизен пренос на сигнали меѓу моторниот кортекс и малите мускули на дланките и прстите зависи од интегритетот на нервните патишта, а тој интегритет е директно под влијание на исхраната.

Омега-3 масните киселини, особено DHA, се структурен составен дел на миелинот, обвивката која ги изолира нервните влакна и овозможува брз пренос на сигнали. Колку е подобро миелинизиран нервниот систем, толку е побрза и попрецизна комуникацијата помеѓу мозокот и рацете. За финомоторната прецизност, каде разликата помеѓу „точно" и „скоро точно" е прашање на милисекунди и минимални мускулни корекции, оваа брзина е суштинска. Сардини, скуша, лосос, ореви и свежо мелено ленено семе треба да бидат редовен дел од исхраната.

Витаминот Д е хранлива материја чија улога во моторниот развој се потценува. Рецептори за витамин Д се присутни директно во мускулното ткиво и нервните клетки, а дефицитот е поврзан со намалена мускулна сила, ослабување на координацијата и побавен развој на финомоторните вештини. Во нашиот климатски регион, нивоата на витамин Д кај деца во зимски месеци се честопати на долната граница. Масна риба и жолчки од јајца се добри природни извори, особено за периоди со малку сонце.

Магнезиумот е неопходен за комуникацијата меѓу нервот и мускулот. Дефицитот на магнезиум се манифестира со мускулна напнатост, помала прецизност на движењата и поголема реактивност на сензорни дразби. Кај деца со ограничен репертоар на храна, кои речиси никогаш не јадат лиснат зеленчук или семки, дефицитот е особено чест. Семки од тиква, бадеми, спанаќ и темна чоколада со висок процент какао се добри секојдневни извори.

Витамините од Б-групата, особено Б12 и Б6, се есенцијални за синтезата на миелинот и за здравјето на нервните патишта. Дефицитот на Б12 директно е поврзан со намалена моторна прецизност и координација. Кај деца кои јадат малку или не јадат месо и риба, нивоата на Б12 заслужуваат внимание. Јајца, млечни производи, месо и риба се главните извори.

Цинкот го поддржува процесот на синаптичка пластичност, способноста на мозокот да гради и зајакнува нови невролошки врски за време на учење на нови движења. Кога детето учи нова моторна секвенца, мозокот буквално гради нови патишта. Семки од тиква, мешунки, јајца и полнозрнести производи се достапни и секојдневни извори.

Хранливите материи не ја заменуваат практиката, директното искуство преку игра и терапевтската поддршка таму каде е потребна. Но, нервниот систем кој ги добива потребните градбени материјали ги изградува своите патишта побрзо и поцврсто, а тоа е разлика која се гледа особено кај дете кое дополнително вежба финомоторни вештини.

Заклучок

Кога ќе ја разбереме самостојноста онака како што е опишана овде, секојдневните сцени добиваат поинаква тежина. Не тежината на чувството на вина за прекумерната помош. Туку тежина на свесност: дека во тој момент, во просторот помеѓу „не можам" и „успеав", детето гради нешто за себе кое не може да го добие на ниту еден друг начин.

Финомоторниот развој не е само подготовка за пишување. Тој е рана вежба за компетентност: за искуството на мозокот кој бара, пробува, прилагодува и успева. Секоја мала победа на прстите, успешно закопчаниот патент, конецот кој поминува низ дупката, правилното следење на линија по хартијата, е конкретен доказ за детето дека самостојно може.

А, деца кои знаат дека можат со рацете, подоцна полесно веруваат дека можат и на сите останати полиња.

Во ЦЕДУЗ работиме со рацете на детето затоа што тие ни кажуваат нешто суштинско: за нервниот систем, за развојот, за она кое детето го доживува за себе. А, она кое детето го доживува за себе во раните години е фундаментот на сѐ она кое следи.

Поврзана услуга

Сензорна интеграција за деца