Секоја пролет, во илјадници македонски домови, родителите на пет и шест годишните деца ја вртат истата мисла. Детето си игра, а родителот гледа во него и прави пресметка: буквите некои ги знае. Бројките до десет, повеќето. Но, мирно да седи никако. Со другите деца си игра понекогаш. А, кога ќе му кажеш „не”, тоа е посебна приказна.
Уписите за прво одделение се во мај, а прашањето е тука уште во март: дали моето дете е подготвено?
Ова е едно од ретките родителски прашања кое нема едноставен одговор, не затоа што е нерешливо, туку затоа што речиси секогаш е погрешно формулирано. Подготвеноста за училиште не е прашање за буквите и бројките, туку прашање за нервниот систем.
Академска наспроти вистинска подготвеност
Кога родителите размислуваат за тоа дали детето е подготвено за прво одделение, обично мислат на она кое може да се провери: дали ги знае буквите, дали ги препознава цифрите, дали може да го напише своето име. Ова е разбирливо, бидејќи тоа е она што е видливо, мерливо и лесно за разговор со другите родители.
Но, училишното опкружување бара нешто сосема различно уште од првиот ден.
Учителката не ги проверува буквите во прво одделение. Таа проверува дали детето може да седи дваесет минути и да слуша. Дали може да го следи двочекорното упатство без да биде повторено три пати. Дали може да чека ред кога друго дете зборува. Дали може да управува со разочарувањето кога нешто нема да испадне онака како што замислило. Дали може да функционира три-четири часа во структурирана средина без да се распадне.
Детето кое ги знае сите букви, но не може да ги направи ниту половина од овие работи, ќе се бори во прво одделение. Детето кое не знае ниту една буква, но ги може сите, ќе го научи читањето за неколку месеци.
Оваа разлика е фундаментална, а сепак, речиси никогаш не е центар на разговорот за подготвеност.
Вистинската подготвеност за училиште се мери во неколку димензии. Прва е способноста за одвојување: дали детето може да се одвои од родителот без значаен стрес и да остане функционално во нова средина. Втора е следењето на упатства, и тоа не едноставните, туку двочекорните и тричекорните, без постојани потсетувања. Трета е толеранцијата на фрустрација: способноста да се издржи „не”, да се чека, да не се добие она кое е посакувано, и да продолжи со денот без бурна реакција. Четврта е регулацијата во група: способноста да се функционира кога наоколу има дваесет деца, бучава, непредвидливост и постојани транзиции.
Петта е практичната самостојност. Прво одделение претпоставува дека детето може само да оди во тоалет, само да ја отпакува ужинката, само да ги наоѓа своите работи во ранецот и, можеби најважно, да побара помош од возрасен кој не е родителот. Ова звучи базично, но за дете кое никогаш не морало да се снаоѓа без блискиот возрасен до себе, тоа е значаен скок. И тој скок, ако не е направен, создава ситуации на мала секојдневна беспомошност кои постепено го обликуваат односот на детето кон новата средина.
Академскиот дел доаѓа дури на крај. Тој е производ на оваа основа, не нејзина замена.
Невролошката зрелост: она за кое никој не зборува
Постои уште еден фактор кој останува систематски невидлив во разговорите за упис: невролошката зрелост.
Возраста шест години е административна граница, но не и биолошка. Таа означува кога детето смее да влезе во системот, не кога неговиот мозок е подготвен за тоа. А, разликата во невролошката зрелост меѓу дете родено во јануари и дете родено во август на иста календарска година може да биде значителна, дури до дванаесет месеци во развојни термини. Тоа е огромно времетраење кога зборуваме за период во кој мозокот се развива со голема брзина.
Ова е познато во истражувањата под поимот „ефект на релативна возраст”. Децата кои се меѓу најмладите во генерацијата статистички почесто добиваат упатувања за тешкотии во учењето, почесто се дијагностицираат со АДХД и почесто имаат послаби академски резултати, не затоа што имаат поголем ризик, туку затоа што нивните помлади мозоци се споредуваат со постари.
Но, важно е да се направи една клучна разлика: детето кое е невролошки помладо поради датумот на раѓање е различно од детето кое има развоен предизвик. Кај првото, времето само по себе е дел од решението, под услов да добие соодветна поддршка. Кај второто, времето без интервенција нема да ги смени основните тешкотии, туку само ќе го одложи моментот кога ќе станат очигледни.
Оваа разлика е клучна за сè она за кое ќе зборуваме во продолжение.
Одложувањето: кога е паметен чекор, а кога не
Ова е местото каде повеќето разговори за подготвеност запнуваат, затоа што одложувањето на уписот се третира или како универзален лек или како признание за дефицит. Ниту едното не е точно.
Одложувањето на упис без придружна интервенција е само постара верзија на исто дете со исти предизвици. Ако детето во јуни не може да седи дваесет минути, да следи упатство или да управува со фрустрацијата, уште една година помината во иста средина без насочена работа нема да го промени тоа. Мозокот не созрева само со поминување на времето. Тој созрева преку искуство, стимулација и насочена поддршка.
Затоа, вистинското прашање не е „да одложиме или не?”. Туку: „Ако одложиме, што ќе се случи во таа дополнителна година?”
Кога одложувањето има смисла? Кога детето е во активна дефектолошка, логопедска или друга терапија и кога постои конкретен план за тоа кои вештини треба да се изградат во дополнителниот период. Кога постои јасна проценка од стручно лице дека одреден развоен предизвик бара повеќе време и поддршка пред детето да може да функционира во рамнотежа во структурирано опкружување. Кога детето е во групата на помладите во генерацијата и кога разликата во зрелоста е видлива и мерлива, а не само претпоставена.
Кога одложувањето нема смисла? Кога е одлука донесена без стручна проценка, базирана само на родителски неспокој. Кога служи како стратегија за чекање „да созрее само” без конкретна интервенција. Кога предизвикот кој родителот го гледа е сензорен, невролошки или развоен, а дополнителната година е без терапевтска поддршка. Во овие случаи, одложувањето може да ја одложи помошта, а не да ја замени.
Постои и една потешка вистина за која тешко се зборува директно: кај некои деца, состојбата која го мотивира одложувањето е таква што дополнителна година, без разлика колку е добро искористена, нема фундаментално да ја смени сликата. Детето со потешки сензорни предизвици, со поизразени развојни тешкотии или со состојба која бара долготрајна интервенција, ќе влезе во прво одделение со слични предизвици и по една година. Тоа не значи дека одложувањето е погрешно. Но, значи дека реалната цел не е да созрее до следната година, туку да добие максимална поддршка уште сега, пред и за време на уписот.
Кога детето влегува неподготвено
Детето кое влегува во прво одделение пред да е невролошки и регулаторно подготвено не знае дека не е подготвено. Тоа едноставно секој ден доживува тешкотија.
Не може да го следи упатството и учителката го повторува. Не може да остане на местото и повторно е повикано назад. Не може да ја заврши задачата во времето кога другите ја завршуваат. Не може да се смири по одморот толку брзо колку што се очекува. Ниту еден од овие моменти сам по себе не е катастрофа. Но, кога се повторуваат секој ден, неколку пати на ден, во текот на месеци, тие почнуваат да градат нешто: слика за себе.
Мозокот на дете на шест години е во период кога активно ја конструира таа слика, а материјалот со кој ја гради е токму секојдневното искуство. Дете кое секојдневно доживува дека не може да го направи она што другите го прават, дека е исправано, дека заостанува, почнува да го интернализира тоа не како „денес беше тешко”, туку како „јас сум таков”. Училиштето, кое треба да биде место на експанзија и истражување, станува место каде детето го учи првото нешто за себе: дека учењето е тешко и дека тој не е успешен во него.
Ова не е неизбежна траекторија. Со вистинска поддршка, со учителка која го разбира детето, со терапевтска помош во позадина, многу деца ја надминуваат оваа фаза. Но, без таа поддршка, раните искуства на неуспех оставаат траг кој подоцна е многу потешко да се избрише отколку да се спречи.
Ова не е аргумент за одложување по секоја цена. Туку за навремена проценка. Бидејќи разликата меѓу дете кое влегува подготвено и дете кое влегува со поддршка не е голема, но разликата меѓу дете кое влегува со поддршка и дете кое влегува без неа може да биде огромна.
Системот и комисиите: чиј глас носи тежина
Периодот на уписи е збунувачки и поради тоа што родителите добиваат различни сигнали од различни страни. Комисијата за упис вели дека детето е подготвено. Учителката од градинка вели дека се двоуми. Педијатарот вели „почекај уште година”. Роднините велат „сите деца се исти, не драматизирај”.
Важно е да се знае што всушност проценуваат комисиите за упис. Тие проценуваат основна говорна разбирливост, ориентација во просторот, препознавање на бои и форми, способност за едноставна комуникација, и тоа во средина која за детето е нова, стресна и трае кратко. Тоа е корисна информација, но не е слика за тоа дали детето може да функционира во секојдневната училишна динамика, пет дена во неделата, осум месеци во годината.
Комисијата не ги проценува: регулаторниот капацитет во група, издржливоста низ деновите, реакцијата на фрустрација, сензорните предизвици, ниту тоа дали детето може да одржи внимание во услови на бучава и движење. Едноставно тоа не е нивниот мандат.
Затоа, мислењето на комисијата е само еден аспект од одлуката. Родителот кој поминал шест години со своето дете, кој го гледа секој ден и кој ги знае неговите предизвици и капацитети, го носи најважниот контекст. Стручното лице кое го следи детето, дали е тоа дефектолог, логопед, педијатар, невролог или психолог, го носи стручниот контекст. Кога двата контексти се усогласени, одлуката е полесна. Кога не се, вреди да се побара уште едно мислење.
Важно е да се именува уште едно нешто: одлуката за одложување е родителска, не административна. Системот може да препорача, но не може да одлучи наместо родителот.
Знаците кои можете да ги забележите дома
Пред да стигнат до комисија или до стручно лице, многу родители бараат конкретни маркери. Постојат неколку прашања кои можат да помогнат во ориентацијата.
Дали детето може да се одвои од родителот без значаен стрес? Кратката приспособувачка реакција при одвојување е нормална и очекувана. Но, ако одвојувањето и по повеќе месеци во градинка сè уште предизвикува реакција која детето не може да ја регулира, тоа е важна информација.
Дали детето може да ги следи двочекорните упатства без постојано потсетување? „Намести ги чевлите и врати ја јакната на место.” Може ли да го направи тоа без да се изгуби на средина?
Дали може да чека? Во редица или кога друго дете зборува? Не совршено, тоа никој не го очекува, но функционално.
Дали може да прими „не” без продолжена реакција? Разочарувањето е нормално. Но, дали реакцијата на разочарување е сразмерна и се смирува во разумно време, или предизвикува интензивна ескалација која трае долго?
Дали детето може да функционира три до четири часа во структурирана средина без да се исцрпи физички и емоционално? Прво одделение не е четиричасовна слободна игра. Тоа е средина со правила, транзиции, барања, очекувања и постојана социјална интеракција.
Одговорите на овие прашања не даваат конечен заклучок, но даваат добра почетна слика. И ако поголемиот дел од одговорите се двоумечки или негативни, тоа е знак дека вреди стручна проценка пред мајскиот упис, не за да се постави дијагноза, туку за да се добие јасна слика за тоа каде стои детето.
ЦЕДУЗ Практичен совет: Рамка за проценка на подготвеноста
Наместо да чекате до мај и до комисијата, следнава рамка може да ви помогне уште во март и во април да ја оформите сопствената слика.
Набљудувајте го детето во три различни контексти. Дома, кадешто е во своето опкружување. Во група со врсници, каде може да го видите регулаторниот капацитет и социјалните вештини. И во нова или непозната средина, каде се гледа адаптибилноста. Детето кое добро функционира само дома, но се распаѓа во другите два контексти, дава важна информација.
Документирајте конкретни ситуации, не општи впечатоци. „Тешко е” е помалку корисно од „оваа недела три пати не можеше да се смири по повеќе од дваесет минути откако му реков не за нешто”. Конкретните примери се клучни кога разговарате со стручно лице.
Разговарајте со учителката во градинка. Таа го гледа детето во група секој ден. Нејзиниот впечаток не е дијагноза, но е вреден извор на информации кој родителите честопати не го бараат директно.
Ако имате сомнежи, побарајте стручна проценка пред уписот, не по него. Проценката пред мајскиот упис ви дава информација со која можете да донесете информирана одлука. Проценката во октомври, откако детето веќе е во прво одделение и веќе се борело три месеци, ви дава иста информација, но со изгубено време и со дете кое веќе го носи искуството на тешкотија.
Ако одлучите да одложите, формирајте конкретен план. Со кое стручно лице ќе работите? На кои вештини? Со кој ритам? Дополнителната година е вредна само ако е полна со насочена работа.
ЦЕДУЗ Нутри совет: Исхраната и мозокот подготвен за учење
Подготвеноста за учење има и биолошка димензија која родителите ретко ја поврзуваат директно со она за кое зборуваме.
Концентрацијата, работната меморија и способноста за регулација се вештините кои ги бара училиштето, но тие не се само прашање на зрелост и искуство. Тие се и прашање на тоа со кое гориво работи мозокот.
Железото е можеби најважниот нутриент за когнитивната функција во оваа возраст. Дефицитот на железо, дури и супклинички, кога нивоата се ниски но сè уште во „нормала”, е директно поврзан со намалена работна меморија, пониска концентрација и поголема раздразливост. Деца кои изгледаат „немирни” или „нефокусирани” понекогаш имаат нивоа на железо кои се на долната граница на нормалата. Темно месо, леќа и спанаќ во комбинација со храна богата со витамин Ц за подобра апсорпција се добра секојдневна база.
Омега-3 масни киселини се директно поврзани со брзината на обработка на информации и со квалитетот на вниманието. Мозокот кој е добро снабден со Омега-3 ги обработува сигналите побрзо и попрецизно, а токму брзото обработување е она кое детето го бара кога мора да слуша упатство, да го задржи во меморија и истовремено да го изврши. Сардини, скуша, ореви и свежо мелено ленено семе треба да бидат редовни, не повремени.
Стабилноста на шеќерот во крвта директно влијае на капацитетот за внимание во текот на денот. Детето кое доаѓа во училиште без појадок или со слатка ужинка покажува намалена концентрација веќе по педесет минути. Оброк богат со протеини и сложени јаглехидрати: јајца, грчки јогурт, интегрален леб, овес, обезбедува стабилна енергија која го одржува вниманието во претпладневните часови.
Цинкот игра значајна улога во синаптичката пластичност, односно способноста на мозокот да гради нови врски при учење. Дефицитот на цинк е поврзан со потешкотии во усвојувањето на нови информации и со намалена ефикасност на работната меморија. Семки од тиква, мешунки, јајца и полнозрнести производи се добри секојдневни извори.
Ниту еден нутриент не е чудесно решение за тешкотиите во развојот. Но, мозокот кој добива соодветно гориво ги гради своите капацитети побрзо и поефикасно, а тоа е особено важно во периодот непосредно пред и по влегувањето во структурирана образовна средина.
Заклучок
Прашањето „дали моето дете е подготвено за прво одделение?” е навидум едноставно, но всушност е едно од потешките прашања со кои родителот се соочува. Не затоа што одговорот е недостапен, туку затоа што бара перспектива која гледа подалеку од буквите и бројките, до нервниот систем на детето, до неговиот регулаторен капацитет, до условите под кои може да се развива.
Одложувањето не е ниту успех ниту неуспех. Тоа е алатка, и како секоја алатка, вредноста зависи од тоа дали е употребена правилно и во вистинскиот момент.
Во ЦЕДУЗ веруваме дека вистинската подготовка за прво одделение не почнува со вежбање на буквите во мај. Таа почнува со разбирање на тоа каде е детето денес, невролошки, регулаторно, сензорно, и со градење на оние вештини кои му се навистина потребни за да влезе во училиштето и да успее во него.

